|
Македонија е поделена во 1913 година како резултат на Втората балканска војна во која Грција, Србија, Романија и Турција, како сојузници ја поразија бугарската војска. На оваа војна и претходело склучување на воен сојуз помеѓу Грција и Србија. Сојузот е склучен со Договор кон кој е потпишана и Воена конвенција помеѓу ’Кралството Грција и Кралството Србија’, на 19 мај, односно 1 јуни по новиот календар 1913 година.
Станува збор за сојуз меѓу овие држави против Бугарија, со кој тие се обврзуваат на координиран настап и на меѓусебна заштита. Така во членот 1 од Конвенцијата се вели: ‘Во случај на војна помеѓу една од двете држави-сојузнички (Грција или Србија, н.з.) и некоја трета сила... или во случај на ненадеен напад со поголеми сили - најмалку две дивизии - на бугарската армија против грчката или српската армија, двете држави, Грција и Србија, си ветуваат едната на другата заемна помош: Грција со сите свои сувоземни и поморски воени сили, а Србија со сите сувоземни сили’.
Но тоа што посебно е интересно за нас е што во овој договор меѓу Грција и Србија во членот 7 од Конвенцијата е предвидена и нивната поделба на Македонија, со тоа што се употребуваат термините ‘окупира’ и ‘анектира’, што претставува своевидно признание на двете држави за тоа дека таа територија не била нивна. Во спротивно, сосема сигурно би го употребиле терминот ‘ослободува’. Впрочем, еве што велат ставот 2 и 3 од членот 7 на Конвенцијата за сојуз меѓу Грција и Србија: ‘Грција има право дефинитивно да ја окупира и анектира територијата што се наоѓа јужно и источно од линијата која што, поаѓајќи од реката Вардар северно од селото Сехово, во неговата непосредна близина ќе минува помеѓу селата Богородица и Мачуково кон котите 535 и 227, ќе го пресече Езерото (Дојранско, н.з.) продолжувајќи кон котата 208, а потоа на котите 397 и 1494 ќе продолжи по сртот на планината Беласица на врвот висок 1800 метри северно од Каракеја до котата 2194 (Перелник). Србија има право дефинитивно да ја окупира и анектира територијата што се наоѓа северно и северозападно од наведената линија’.  Војници на бојното поле во Втората балканска војна
Втората балканска војна изби бргу по склучувањето на Договорот за сојуз и наведената Конвенција, а Грција и Србија строго се придржуваа до нејзините одредби. Линијата на разграничување од оваа Коневнција е денешната граница меѓу Македонија и Грција кај Дојранското Езеро. Ова е инаку само еден од документите во кој се признава дека територијата на Македонија во Втората балканска војна е ‘окупирана и анектирана’, а не ослободена, што би било сосема логично и нормално доколку таа отсекогаш била грчка, како што денес се тврди. Воената конвеција е во име на ‘Неговото Величество Кралот на Хелените’ ја потпишал инжинерскиот капетан Ксенофон Стратигос од Генералштабот на војската на Грција, а во име на ‘Неговото Величество Кралот на Србија’, потписници се генералштабниот полковник Петар Пашиќ и пешадискиот полковник Душан Туфекџиќ.  Изгорениот Кукуш во 1913 г.
|
Коментари