|
8 февруари 2010, 20:50 Ракот на панкреасот не е меѓу најчестите облици на рак, но е еден од најсмртоносните. Два зашеќерени газирани пијалоци неделно ги зголемуваат шансите на човекот да добие рак на панкреасот за дури 87 отсто, покажало 14-годишното истражување на повеќе од 60.000 мажи и жени од Сингапур, спроведена од научниците од Универзитетот од Минесота.
Научниците кои ова го откриле не се сосема сигурни дали целата вина паѓа на газираните пијалоци или повеќе е во прашање навиката на тие луѓе да водат нездрав живот. Но, и некои поранешни истражувања покажале дека газираните пијалоци го зголемуваат нивото на шеќер во крвта, што претставува дополнителен стрес за панкреасот.
Ракот на панкреасот е еден од најсмртоносните. Само во В. Британија од него умираат повеќе од 7.000 лица годишно, а таа болест беше погубна и за холувудската звезда Патрик Свејзи.
Др. Марк Переира, водител на истражувањето, додал дека луѓето кои редовно пијат газирани пијалоци обично имаат не толку здрави животни навики. Во текот на истражувањето не била забележана врска меѓу ракот и негазираните пијалоци.
Стручњаците веќе долго време предупредуваат дека зголеменото внесување зашеќерена храна го оптоварува панкреасот, што може да доведе до негово зголемување и развој на ракот.
|
Коментари